Чесен, ама сепак пораз на Македонија од Португалија
Нашите млади фудбалери предводени од одличниот Давид Бабунски беа рамноправен противник во првиот дел, но мечот го загубија за само осум минути...

Иако му пружи солиден отпор на големиот фаворит и одигра добро прво полувреме, сепак репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година беше поразена на гостувањето кај Португалија со 2:0 во квалификациите за Европското првенство наредната година.
Нашите млади фудбалери предводени од одличниот Давид Бабунски беа рамноправен противник во првиот дел, но мечот го загубија за само осум минути. Во 51-та минута Бернардо Силва на додавање на Рикардо им донесе водство на Португалците коешто во 59-та го удвои токму асистентот за првиот гол. Блажевски го фаулираше Жоао Марио, а Рикардо од пенал ја осигура победата на Португалија којашто во 66-та минута промаши уште еден удар од 11 метри. Непрецизен беше Гонкало Пасиенсија.
Португалија остана лидер во групата 8 со максимални 15 бода од пет натпревари. Израел е втор со девет, додека третопласираната Норвешка има шест. Македонија со три порази и по едно реми и победа против Азербејџан е четврта со четири бодови. Исто толку, но послаба гол разлика има последнопласираниот Азербејџан.
Квалификациите за ЕП 2015-та во Чешка ќе продолжат на 23 мај кога Македонија ќе бара шанса за реванш за денешнит пораз од Португалија во меѓусебната пресметка во Скопје.