Годишно обраќање на претседателот

Пендаровски: За само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала

18.12.2019 12:58

Прво годишно обраќање во Законодавниот дом на претседателот Пендаровски од стапувањето на должност во мај годинава. Од собраниската говорница порача – мојата главна политичка цел беше и останува да бидам независен, да бидам претседател на сите, а не партиски послушник...

Годишно обраќање на претседателот Пендаровски во собранието. Пред пратениците потенцираше - за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори. Генералната перцепција кај нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми.

Како врв на лошите состојби во правосудниот систем, претседателот Пендаровски ја посочи тн. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел - да ги гони криминалците.

„Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден“, нагласи претседателот, порачувајќи и на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, најпрво, кај политичарите.

Претседателот Пендаровски ги нагласи и храбрите политички чекори на актуелната власт, која ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и Грција.

Во контекст на актуелните регионални иницијативи, претседателот Пендаровски истакна дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа.

Во своето обраќање, претседателот посочи и на сериозната опасност за нашата сегашност и иднина, а тоа  е загадувањето на животната средина. Предложи тоа прашање да се извади од дневната политика и да се донесе натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата.

Претседателот ги повика релевантните политички субјекти, да седнат заедно и да донесат натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од голготата на нашиот народ со иселувањето.

„При тоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас“- нагласи Пендаровски.

Претседателот нагласи дека на пролет е исклучително важно да се организираат фер и демократски избори.