Франција: Синдикатите со порака до владата - нема Божиќно примрије
Француските синдикати остануваат на улица додека владата не се откаже од планот за пензиски реформи. Бројот на учесници постојано се зголемува и покрај проблемите со кои се соочуваат поради неработењето на институциите. Трпението го губат и двете страни, и ниедна од нив не сака да направи отстапки...
Насилства и апсења на протестите во Париз против предложените пензиски реформи од претседателот Емануел Макрон. Неколку европски земји ја зголемија старосната граница и ги намалија пензиите поради забавениот економски раст и продолжувањето на животниот век. Макрон се обидува да го следи нивниот пример. Но синдикатите се против идејата да работат подолго за помалку, а најновите анкети покажуваат дека сè повеќе Французи го поддржуваат штрајкот. Владиниот кабинет потврди дека почнува нови преговори со овие организации, но не се премислува во однос на одлуката.
„Јасно кажавме што е нашиот проект. Јас, владата и мнозинството сме апсолутно решителни во однос на создавањето на универзален пензиски систем. Зборувам смирено за овој универзален механизам и потребата за баланс на идниот систем, и враќање на балансот на сегашниот“, изјави Едуард Филипе, премиер на Франција.
Увертира во последниот собир беше намерниот прекин на снабдувањето со електрична енергија поради што десетици илјади домаќинства во југозападот останаа во студ и темнина. Синдикатите им порачаа на властите – заборавете на божиќно примирје додека не се исполнат нашите барања, подготвени сме и да ги радикализираме чекорите.
„Ова не е ултиматум, владата треба да ги отвори очите и ушите. Мобилизацијата против реформата е силна и во јавниот и во приватниот сектор. Новите анкети покажуваат зголемување на поддршката од нашите граѓани, како и довербата во синдикатите, па дали им треба нешто повеќе од тоа?“, изјави Филипе Мартинез, Заедничка конфедерација на трудот (ЦГТ).
„Целта е да истраеме со штрајковите и со протестите, влогот е веќе голем. Требаше да покажеме дека движењето има корени, низ земјата има многу повеќе протести отколку на 5 декември, во нив учествуваат многу луѓе“, рече Беноа Тесте, генерален секретар на ФСУ.
Последниот ваков обид за реформи во пензискиот систем на Франција имаше среќен епилог за демонстрантите во 1995 година кои по тринеделни протести успеаја да ги принудат тогашниот претседател Ширак и премиерот Жупе да се откажат од агендата.
Маја Филдишев
