Поголемо вклучување на приватниот сектор во стручното образование

18.12.2019 14:14

Само практичната настава создава квалитетен работник или инженер. Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев, дециден дека се потребни мерки кои ќе го регенерираат еродираниот образовен систем во земјава...

Средните стручни училишта треба да бидат столбот на економијата. Потребно е да се промени свеста, дека и техничките училишта имаат перспектива, вели вицепремиерот за економски прашања Анѓушев. Предлага, во класичното гимназиско образование да не учат повеќе од 40 проценти од средношколците, а паралеките да се формираат според потребите на компаниите. Посочува дека само практичната настава создава квалитетен работник или инженер. Анѓушев, дециден дека се потребни мерки кои ќе го регенерираат еродираниот образовен систем во земјава.

Според министерот за образование Адеми, во последниве години реформите кои се почнати потребно е да се забрзаат. Швајцарскиот роект „Вклучувањето на приватниот сектор во образованието“ треба да помогне да се намали дисбалансот меѓу понудата и побарувачката.

„Во Швајцарија приватниот сектор игра значителна улога во сите фази од стручното образование, подготовката на наставните програми, сертификацијата и финансирањето. Значителна улога играат и коморите. Тоа не е само обврска, туку партнерство помеѓу државата и приватниот сектор“, изјави Сибил Сутер Техада, амабасадор на Швајцарија во земјава.

Во дуалниот систем на образование во Швајцарија учат речиси 60 проценти од учениците.

 

Дијана Ценевска