Влада

Нема да се набавува пластика за еднократна упореба

18.12.2019 14:29

Државните институции од идната година нема да набавуваат пластика за еднократна употреба. Нема да склучуваат договори за јавни набавки со производителите кои не ги исполнуваат обврските за управување со посебни текови на отпад...

Државните институции од идната година нема да набавуваат пластика за еднократна употреба. Пластичните шишиња ќе бидат заменети со стаклени, нема да има пластични чаши, сламки, лажички. Нема да склучуваат договори за јавни набавки со производителите кои не ги исполнуваат обврските за управување со посебни текови на отпад. Овие мерки, вели министерот за животна средина, се дел од планот за спречување и создавање отпад, кој ќе биде донесен по усвојувањето на новите закони кои се во фаза на консултации. Според Нуредини сите треба да преземат одговорност.

„Приватниот сектор ги презема своите обврски, разбира дека треба да преземе одговорности и да ги поднесе финансиските обврски што доаѓаат. Многу е важно да се разгледаат овие закони, и да се добие поддршката за да поминат, да бидат усвоени и да почне да се применуваат за да се воспостави тој одржлив систем за управување со отпад“, изјави Насер Нуредини, министер за животна средина и плосторно планирање.  

Министерот за животна средина смета дека Скопје не е најзагаден град во светот, но признава дека концентрациите се високи. Додека не се помине прагот на загаденост, нема да се преземат мерките пропишани согласно законот.

Невладините организации не се задоволни од мерките кои ги презема власта за намалување на загадувањето.

„Не верувам дека власта презела сѐ што треба да преземе, мислам дека најмногу затаиле инспекциските служби. Се обидуваат, но тоа не е доволно, веројатно треба значајно повеќе да се направи“, изјави Јован Мазгански, невладина организација „Еко свест“.

Еколошките организации признаваат дека пластичниот отпад е штетен за животната средина, меѓутоа не влијаат за загадување на воздухот.

Експертите предупредуваат- за разградување на пластичните ќесиња потребни се повеќе од 500 години. За да се намали нивната употреба, властите предлагаат да се продаваат најмалку за 10 денари. Ова е предвидено во измените на Законот за управување со отпад.

 

Андријана Атанасовска