Собрание

Годишно обраќање на претседателот Пендаровски

18.12.2019 14:41

Прво годишно обраќање во Законодавниот дом на претседателот Пендаровски од стапувањето на должноста во мај годинава. Од собраниската говорница порача – мојата главна политичка цел беше и останува да бидам независен, да бидам претседател на сите, а не партиски послушник...

Граѓаните ќе проценат колку во првите седум месеци од мојот мандат, успеав да останам неутрален во однос на различните центри на политичка и економска моќ, меѓутоа, мојата главна политичка цел беше и останува, да бидам независен, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх- рече претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање. Говорејќи на актуелни теми се осврна и на Законот за јазиците.

„Комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија“, рече претседателот Пендаровски.

Сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество посочи Пендаровски кој го искритикува правосудството, барајќи прочистување во нивните редови, но и меѓу политичарите.

„Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците. Почитувани, еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден“, нагласи Пендаровски.

Коментирајќи ги договорите со Грција и Бугарија, шефот на државата смета дека компромисите беа тешки, но, без нив ќе беше уште потешко затоа што ќе имавме нејасна иднина на долг рок. Правото да се идентификуваме како македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси. Покрај натпартиска стратегија за животната средина, Пендаровски побара и стратегија за спречување на ислеувањето од земјата.

„Сепак, ги повикувам релевантните политички субјекти, да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ. Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО после цели 20 години откако го добивме статусот на земја-кандидат, а стандардот пер-капита е на 80% од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500 евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. Притоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас“, рече претседателот Пендаровски.

За претстојните парламентарни избори Пендаровски повика на фер- плеј меѓу партиите, без притисоци , но со политичка реторика и култура кон противникот.

Миле Ристески