Легализација

Новиот Закон за бесправно изградени објекти нема да важи за доградби на станбени згради

18.12.2019 14:55

Дивоградбите изградени до први октомври годинава ќе се легализираат со целосната сума за комуналии плус 50 проценти од неа како казна. Новиот закон за бесправмно изградени објекти нема да важи за доградби на станбени згради. Во рамки на Охридскиот регион пак ќе моќе да се легализираат само објектите што се фунакционална целина, според оценките за заштита на животна средина и културно наследство, рече министерот за транспорт, Сугаревски...

Проширени тераси или надградени катови- дивоградбите на станбените згради нема да се легализираат. Со новиот предлог- закон за бесправно изградени објекти до први октомври годинава, оние што ќе бараат правен статус ќе треба да платат целосна сума за комуналии, плус дополнителни 50 проценти како казна. Имаат само шест месеци да достават документи, општините и институциите да се изјаснат дали има услови процедурата да продолжи.

Гаражи и остави, привремено изградени објекти за складирање механизација – и тие се внесени во новите законски решенија. Се стегаат механизмите и за правен статус на нелегалните градби изградени во заштитени подрачја и крајбрежни појаси на Охридискиот регион.

Ако не се легализираат во предвидените рокови, на дивоградбите им се заканува рушење. Сугаревски ги повика општините да ги комплетираат инспекциските служби, да се подготват законот да се спроведе. Рокот за решавање на правниот статус на нелегално изградените објекти е пет години.

Сугаревски очекува предлог- законот брзо да ја мине собраниската процедура. Според министерството за транспорт досега се легализирани над 240 илјади дивоизградени објекти, но 100 илјади сѐ уште немаат правен статус.

 

Сузана Фиданска- Стоевска