ФИТР и УНДП ќе работат на зајакнување на иновации во јавниот сектор
Преку заеднички активности ќе се работи на засилување на иновациските дејности и воведување иновативни процеси во јавниот сектор, поддршка за раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор...
Фонд за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) потпишаа меморандум за соработка со кој преку заеднички активности ќе се работи на засилување на иновациските дејности и воведување иновативни процеси во јавниот сектор, поддршка за раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор.
Меморандумот го потпишаа директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и Нарине Сахакиан, постојан претставник на Програмата за равој на Обединетите Нации. Деспотовски нагласи дека потпишувањето на меморандумот е официјализирање и продлабочување на веќе успешната соработка меѓу двете институции во насока на унапредување на животниот стандард на граѓаните на нашата земја.
„Проектите што веќе ги развиваме во соработка со УНДП сега очекувам и да се прошират и да добијат на дополнителен квалитет. Заедно ќе работиме на развој и примена на иновациите во животната средина, јавниот сектор како и во поттикнување и олеснување за младите за старт на сопствен бизнис“, истакна Деспотовски.
Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, посочи дека ваквите партнерства се значаен придонес за поттикнување и унапредување на иновациите во државата во сите сектори од јавен интерес.
