Претставничкиот дом изгласа отповикување на Трамп, следува судење во Сенатот на почетокот на 2020-та
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес изгласа импичмент за претседателот Доналд Трамп. Демократите го обвинуваат за злоупотреба на моќта и попречување на истрагата за аферата со Украина. 45-тиот американски претседател, е третиот кој се соочува со импичмент, и натаму тврди дека против него се води „лов на вештерки“...

Претставничкиот дом на Конгресот на САД ѝ даде зелено светло на постапката за отповикување на претседателот Доналд Трамп, кој се товари за злоупотреба на должноста и попречување на конгресната истрага. По маратонската дебата не беше надмината партиската поделеност, така што речиси сите демократи гласаа „за“, а републиканците „против“.
Истрагата за импичмент почна поради сомнение дека вршел притисок врз владата во Украина да почне истрага против неговиот политички ривал на претседателските избори идната година. За возврат за политичката услуга, Вашингтон ветувал деблокирање на воената помош за Киев.
„Ужасни лаги од радикалната левица, напад врз Америка“ се само дел од лавината постови на Твитер со кои се бранеше претседателот Трамп, барајќи поддршка, па дури и молитва, од јавноста.
„Сега го користиме импичментот како оружје, а тоа е опасно. И за отповикувањето на Бил Клинтон гласав „против“. Претпочитам да се одржи покусо судење зашто и ова е предолго. Ако нема доволно докази за отповикување, нема да има ни за осуда“, изјави Питер Кинг, републикански конгресмен од Њујорк.
„Ова е тажно од повеќе аспекти, но постои одредена доза на задоволство кога знаете дека во оваа земја може да одговара некој пред Уставот. Никој не е среќен, но добро е да се знае дека функционира Уставот“, изјави Даниел Килди, демократски конгресмен, Мичиген.
Поделеност постои и кај граѓаните, но мнозинството се согласни дека е неопходна брза разврска и поради претстојните избори, но и новогодишните празници.
„Интересна тема за диксусија, но решивме да не зборуваме за празниците за тоа.“
„Треба да биде отповикан. Никој како да не сака да се премисли, демотивирана сум и јас.“
„Постои голема поделеност и таа не води кон ништо. Типов го гонат веќе три години.“
„Мене ми е ова страшно. Наместо да се фоксираат на кандидат кој ќе победи во 2020 година, тие работат на импичментот.“
Во почетокот на идната година случајот оди во Сенатот каде што Републиканците се мнозинство, па мала е веројатноста да го тргнат од власт. За да биде отповикан ќе бидат потребни најмалку 67 гласа.
Маја Стојаноска- Филдишев
