Хоит Ји: Македонија е подготвена за влез во НАТО

06.03.2014 09:04

На престојниот самит на Алијансата во Кардиф, во септември, американскиот Стејт Департмент смета дека само две држави, Македонија и Црна Гора, се подготвени да добијат членство во НАТО...

Американскиот Стејт Департмент смета дека само две држави, Македонија и Црна Гора се подготвени да добијат членство во НАТО на престојниот самит на Алијансата во Кардиф, Велика Британија во септември. Вака пред американската Хелсиншка комисија во Сенатот сведочеше заменик помошникот државен секретар за Европа и евроазиски прашања, Хоит Ји.

„Македонија во моментов е блокирана од Грција поради спорот со нејзиното име. На последниот самит на НАТО имаше договор меѓу сојузниците дека на Македонија ќе и биде дадена покана за членство кога ќе биде најдено заемно прифатливо решение за името. Се надеваме дека Македонија и Грција ќе постигнат договор за името, активно ги охрабруваме двата главни градови и влади да работат кон крајно решение. Ние правиме се што е можно од наша страна, даваме идеи, но на крајот останува работата да се реши меѓу двете влади“,рече Хоит Ји, заменик помошник државен секретар за Европа и евроазиски прашања.

Поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Вокер побара САД да имаат поактивна улога во отклонувањето на пречките за прием на Македонија во НАТО.

„Околу Македонија. Мислам дека е срамота, прашањето за името да биде блокада за напредокот на Македонија, но и на поширокиот Балкански регион. Секако тоа не е во ничиј интерес. Не е од економски интерес на Грција, да се има регион што се држи назад со спречување на Македонија од членство во НАТО и во ЕУ“, вели Курт Вокер, поранешен американски амбасадор во НАТО.

Европарламентарката од Словенија, Тања Фајон, посочи дека Грција не си прави самата добро на себе, ниту на регионот со блокадата на започнувањето на преговорите со Македонија.

„Силно ја поддржувам идејата дека билатералното прашање меѓу Македонија и Грција треба да биде разрешено пред крајот на пристапниот процес, но дека не треба да претставува пречка за отворање на преговорите. Натамошно одлагање на преговорите со Македонија претставува значителен ризик за регионот и стабилноста, и се надевам дека Грција ќе го искористи Претседателството со Унијата да создаде позитивна атмосфера“, изјави Тања Фајон, пратеник во Европскиот Парламент од Словенија.

Членовите на американската Хелсиншка комисија и двајца конгресмени на сослушувањето во Сенатот истакнаа дека и покрај случувањата во Украина, земјите од Западен Балкан не треба да бидат оставени на страна за американската политика и побараа американската дипломатија да работи на евроатланската интеграција на сите земји од регионот.

Американската Хелсиншка комисија заклучи дека за стабилизација на регинот на Западниот Балкан мора да продолжи проширувањето на НАТО и на Европската Унија.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник на МРТ од Вашингтон