РСМ- ЕУ

Парламентарниот комитет препорача почеток на преговорите за членство до крајот на март 2020

19.12.2019 14:02

По плодните дискусии за односите меѓу земјава и Европската Унија, пратениците на Собранието и на Европскиот парламент, членови Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, го усогласија и усвоија текстот на Заедничките препораки со кои се бара почеток на преговорите за членство со државава до крајот на март 2020 година. Препораките ќе бидат упатени до Европарламентот, до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, до Советот на Европската унија и до Европската комисија...

Изминативе два дена европратениците и македонските парламентарци имаа богата и плодна дебата за евроинтегративните процеси, со што се сакаше од страната на ЕП да се потврди уште еднаш поддршката која ја дава нај репрезентативната демократска европска институција за почеток на преговорите со нашата земја.

Комисијата останува на својата препорака за Северна Македонија, односно дека таа ги исполнува условите за почеток на преговорите, но тоа не е статичка категорија, не може да се живее на стара слава – беше пораката од Европската комисија до македонските парламентарци кои учествуваат на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија- ЕУ. 

„Се водеше еден контруктивен дијалог и врз основа на тоа ги донесовме препораките кои се одлични за нас. Се чувствуваше пријателството од колегите од ЕП, нивната желба што е можно поскоро да ги почнеме преговорите, а тоа е одразено и во препораките“, изјави Соња Мираковска, претседател на Македонската собраниска делегација.

„Се надевам дека следниот пат кога ќе имаме ваков комитет, Северна Македонија ќе биде во преговори за влез во ЕУ“, изјави Ирена Јовева, словенечка европратеничка, заменик претседател на делегацијата на ЕП.

Главната препорака усвоена денеска е дека се бара од земјите членки на ЕУ, да се заложат да и донесат позитивна одлука што е можно поскоро за започнување на пристапните преговори со нашата земја, најдоцна до состанокот на Советот во март 2020-та година, односно пред закажаните парламентарни избори.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ