Собрание

Џафери: Не може да има јавна расправа за измените на Изборниот законик

19.12.2019 14:47

Јавна дискусија за измените на изборниот законик, во скратена постапка, не може да се организира, тврди спикерот Џафери. Вели, тоа не е предвидено со Деловникот за работа на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа илјадници амандмани кои се однесуваат на законските измени со кои се предвидува модел на една изборна единица и отворени листи...

Јавна дискусија за измените на Изборниот законик, во скратена постапка, не може да се организира, тоа не е предвидено со Деловникот за работа на Собранието, тврди спикерот Џафери. Според него, тоа било можно доколку во предлогот за носење на законот имало барање за јавна дискусија, а Парламентот гласал за тоа.

„Деловникот не познава терминологија јавна расправа. Во деловникот се уредува јавна дискусија. По разгледувањето во прво читање или по претресот по првото читање, Собранието по потребата може да донесе одлука за јавна дискусија по определен закон ако е од поширок општ интерес. Откако пленумот ќе донесе одлука за јавна дискусија, определува матично работно тело кое ќе го организира и ќе ја одржи дискусијата“, изјави Џафери.

Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Александар Кирацовски претходно најави дека на 25 месецов ќе се организира јавна расправа за измените на Изборниот законик, со цел да бидат повлечени околу 6.000 амандмани, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ.

Досега во процедура се ставени 3.734 амандмани кои се однесуваат на законските измени во Изборниот законик со кој се предвидува модел на една изборна единица и отворени листи.

 

Игор Панов