Град Скопје

Казнети 118 граѓани кои палеле огнови на отворено и загадувале

19.12.2019 14:53

Казнети се 118 граѓани кои палеле огнови на отворено и загадувале. Санкционирани се и четири фабрики што ги надминале граничните вредности на испуштање штетни материи во воздухот. Казните за потпалувачите се од 50 до 500 евра, за компаниите се повисоки...

Комуналните инспектори годинава напишале 118 казни за граѓани кои палеле огнови на отворено и загадувале. Санкционирани се и четири фабрики откако вонредните мерења покажале дека ги надминале граничните вредности на испуштање штетни материи во воздухот. Депонијата Вардариште и просторот под Кале, посочени како најкритичните точки од инспекторите.

„Најпроблематичните точки во градот се затворената депонија Вардариште и просторот под калето. Тој проблем го решивме се исчисти целиот простор, дежурните екипи го контролираат тој простор за да не дојде до повторно узурпирање на тој јавен простор, денеска имавме случај каде што нашите дежурни екипи фатија и санкционираа лица кои баш на тој простор имаа запалено гуми“, изјави Мирослав Богдановски – градски инпсектор.

Казните за потпалувачите се од 50 до 500 евра. За компаниите се повисоки, 3.000 евра.

„Од 1 ноември годинава до денеска имаме околу 170 пријави за пожари на отворено. Тука не ги ставаме контејнерите и сите други работи туку само пожари кои се на отворен простор кај што е поголема опасноста од загадувањето“, изјави Владимир Симоновски, командир на Противпожарната бригада.

Наместо на социјалните мрежи, градските власти ги повикаа граѓаните палењето огнови да го пријават на бројот 193.

Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат тие огнови заради затоплување ќе бидат упатени и сместени во згрижувачките центри“, рече Ваљон Салиху – портпарол на Град Скопје.

Главни причини за аерозагадувањето се греењето на домаќинствата, за што честопати се користи и гума или пластика, сообраќајот, енергетските капацитети.

 

Андријана Атанасовска