Економија

„Еуромакс“ најави постапка пред меѓународната арбитража во Вашингтон

19.12.2019 15:54

Откако владата еднострано го раскина договорот со компанијата „Еуромакс“ за изградбата на рудник за бакар и злато кај Иловица, канаѓаните се заканија. Ќе поведат постапка пред вашингтонската арбитража. Сепак, инвеститорот им остава простор на властите да се постигне договор за да се избегне тужба. Владата претходно соопшти дека фирмата ја нема поднесено неопходната документација...

Канадската компанија „Еуромакс“ најави покренување постапка пред Меѓународната арбитража во Вашингтон поради едностраното раскинување на договорот за една од двете концесии од Владата за рудникот Иловица- Штука. Претходно канаѓаните очекуваат во директни преговори со Владата да се изнајде прифатливо решение. Велат дека по барање на екоактивистите ја промениле постапката за обработка на рудата и дека проектот ги задоволува највисоките меѓународни стандарди .

„Оваа одлука испраќа една многу лоша порака до меѓународната инвеститорска заедница.Еуромакс е единствената јавно котирана компанија која што е исклучиво заинтересирана за Македонија и поради тоа на Еуромакс меѓународната инвеститорска зедница гледа како на показател како тие евентуално би биле третирани во земјата. Ваквата одлука ќе ги обесхрабри во голема мера сите меѓународни инвеститори“, изјави Патрик Форвард- главен извршен директор на ,,Еуромак рисорсис“.

Форвард тврди дека досега вложиле 50 милиони евра,а во проектот за рудник на бакар беше најавена инвестиција од вкупно 350 милиони евра. Австриските адвокати ангажирани од Еуромакс велат дека имаат силен случај.

„Владата користи едно циркуларно размислување, се вртат во круг.Прво тврдат дека Еуромакс ги нема поднесено документите,кои практично ги има поднесено но не во законските рокови затоа што институциите не одговараат согласно со законските рокови“, изјави Габриел Лански- адвокатско друштво „Лански,Ганзгер и партнери“.

На седницата на Владата одржана во Куманово била донесена одлука за едностран раскид на договорот за концесија за експлоатација на руди на бакар и злато на локалитетот Иловица. Причина за ваквата одлука било неподнесеното барање со целокупната неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација од концесионерот „Еуромакс “ во рок од 4 години по склучување на договорот за концесија.

 

Свето Николовски