Е-весник од учениците за учениците
Во медиумите, младите на возраст од 8 до 15 години не се претставени во вистинско светло, односно нивните ставови и интереси ретко се тема во медиумските натписи, освен кога станува збор за информации од сензационалистички карактер

На 10.12.2019 година официјално беше пуштен онлајн училишниот дигитален весник кој е креиран од учениците, членови на Медиумската секција во ООУ „Лазо Ангеловски“, Скопје. Името на е-весникот е Л.А. ИН-форматор
За време на месец ноември 2019 година, членовите на Медиумската секција активно работеа на подготовка на весникот: пишување статии и натписи, дигитална подготовка на онлајн платформата, изработка на постери за промоција на весникот и сл.
Училишниот дигитален весник е дел од Еразмус+ КА229 проектот „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“ (Young journalists of today – responsible digital citizens of tomorrow). Главната цел на овој проект е развивање на медиумската писменост на учениците и наставниците на продуктивен начин преку објавување дигитален училиштен весник и креирање работилници за медиумска писменост. Во Македонија, а и во другите четири земји-партнери во проектот (Хрватска, Србија, Романија и Шпанија), не постојат дигитални весници и списанија за деца на возраст од 8 до 15 години. Во медиумите, младите на оваа возраст не се претставени во вистинско светло, односно нивните ставови и интереси ретко се тема во медиумските натписи, освен кога станува збор за информации од сензационалистички карактер. Поради сето ова се роди идејата за проектот, во којшто учениците сами ќе станат новинари, а не само пасивни корисници на медиумите.
Радмила Гиевска
