Заев: Кон крајот на следната недела ќе се знае името на техничкиот премиер
Кон крајот на следната недела ќе биде познато името на техничкиот премиер и на замениците министри, најави претседателот на владата, Зоран Заев. Следниот петок ќе заседава Централниот одбор на партијата, а претходно ќе се состане и извршниот одбор, појасни Заев. Опозицијата со најава дека до крајот на годината ќе ги соопшти имињата на членовите во идната техничка влада...
Власта и опозицијата сѐ уште тактизираат со објавувањето на имињата кои од трети јануари ќе бидат дел од техничката влада. Премиерот Заев вели- од тактички причини ја одложивме одлуката за избор на технички премиер и заменици министри. За ова Социјал демократите ќе одлучуваат следниот петок.
„Ќе не разберете затоа што овде се прави договор меѓу власта и опозицијата. Ние не би сакале да истрчуваме со какви било мерки. Имаме доволно време да размислиме. Се работи за избор на премиер за 100 дена кои претстојат до изборите“, изјави премиерот Заев.
Пред неколку денови премиерот посочи дека изборот не е конечен, но дека за технички премиер се мисли околу Оливер Спасовски и Мила Царовска, но сепак решението ќе го донесе Централниот одбор на партијата. Царовска не сакаше пошироко да одговори дали е подготвена за 100 дневен премиерски мандат во преодната влада.
„Не станува збор дали е некој спремен или не, овие дискусии се водат на местото каде треба да се водат. Кога ќе има одлука, јавноста ќе биде запознаена“, изјави Царовска.
Тактизираат и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата најавуваат дека до крајот на годината ќе ги објават имињата кои ќе влезат во неколкуте министерства. Засега, и од таму велат дека рано е да се споменат кои било кандидати за технички министри.
Миле Ристески
