Вонреден самит на ЕУ за санкции против Москва

06.03.2014 10:17

Ќе продолжиме да дискутираме за ова во Брисел и во наредните денови, вели министерот за надворешни работи на Франција, Лорен Фабиус...

Лидерите на ЕУ денеска во Брисел на вонреден самит ќе разговараат за воведување санкции против Москва поради испраќањето трупи на Крим.

Американскиот Државен секретар Џон Кери по разговорите на кои учествуваа министри од Украина, Русија, Франција и од Велика Британија, во Париз изјави дека дипломатските напори за решавање на кризата во Украина ќе продолжат и во наредните денови.

Меѓудругото, го опиша состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров како „груб“, додавајќи дека повторно ќе се сретнат денеска во Рим.

Лавров во Париз одбил да се сретне со својот украински колега. Францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус, пак рече дека лидерите во наредните денови ќе се обидат да најдат мирно решение кое ќе и стави крај на кризата.

„Ќе продолжиме да дискутираме за ова во Брисел и во наредните денови. Но, од средбата во Париз, можам да ви кажам дека нештата почнаа да се движат во вистинската насока“, вели Лорен Фабиус, министер за надворешни работи на Франција.

Во меѓувреме, премиерот на автономната република Крим, Сергеј Аксјонов, изјави дека проруските сили ги контролираат сите стратешки патишта до полуостровот и дека ги блокирале сите украински бази кои се уште не се предале.