Собрание

Усвоен буџетот за 2020-та година

23.12.2019 10:05

Со 65 гласа за и 23 против, пратениците во Собранието ја донесоа државната каса од 3,9 милијарди евра. На гласањето претходеше жестока расправа меѓу власта и опозицијата. За власта, буџетот реален и остварлив, за опозицијата популистички и неразвоен...

Како ќе се трошат државните пари од касата тешка 3,9 милијарди евра? Народните избраници во завршната дебата со низа реплики и контрареплики жестоко ги судрија ставовите. Опозицијата не отстапуваше од ставот дека проектираното е со социјална компонента, но буџетот е неразвоен, популистички, предизборно ориентиран за купување гласачи.

Владејачкото мнозинство тврдеше дека проекциите се реално остварливи во согласност со растот на домашната економија.

Владата планира наредната година да собере 3,6 милијарди евра, а да се задолжи милијарда. Покрај растот на платите во здравствениот и образовниот сектор, повеќе пари има и за зголемување на пензиите. Проектирано е БДП да порасне 3,8 насто, буџесткиот дефицит да изнесува 2,3 проценти.

Според владините ставови, буџетот е фокусиран е на инвестициите во човечкиот капитал за да се задржат граѓаните во земјава.