Седница на Советот за безбедност
Шефот на државата го свика Советот за безбедност. На дневен ред и проблемот со аерозагадувањето. Пендаровски покани граѓански активисти и креатори на политики за заштита на животната средина...

Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска ќе биде одржана втората седница на Советот за безбедност. На првиот дел од седницата, каде ќе бидат разгледани тековните прашања поврзани со безбедноста и одбраната на републиката, покрај членовите на советот, ќе присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Во вториот дел на седницата на Советот ќе се дискутира за проблемот со аерозагадувањето. На дебатата, покрај членовите на Советот, ќе учествуваат и тројца претставници на здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период имаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено.
