УЧИЛИШТЕН ИНФОРМАТОР

Одбележани Меѓународниот ден на мигранти и Денот на борбата против насилство врз жената

23.12.2019 09:21

Учениците имаа можност преку краткометражен документарен филм да ја запознаат актуелната состојба на движењето на мигрантите и нивните страдања, голготата низ којашто минуваат во потрага по безбедно место за живеење. Насилството врз жената да не се премолчува, да се алармира и да се пријави на СОС...

Mеѓународниот ден на мигранти и денот на борбата против насилство врз жената беа одбележани со пригодна програма, во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“. На манифестацијата присуствуваа претставници од Канцеларијата на Меѓународната организација за миграција и претставници на СОЖМ предводени од председателката г- ѓа Савка Тодоровска. Учениците имаа можност преку краткометражен документарен филм да ја запознаат актуелната состојба на движењето на мигрантите и нивните страдања, голготата низ којашто минуваат во потрага по безбедно место за живеење. Насилството врз жената да не се премолчува, да се алармира и да се пријави на СОС.

Училиштето „Васил Антевски-Дрен“ со години е во соработка со веќе споменатите институции што работат на будење на свеста кај младите личности, надевајќи се дека ќе допре длабоко до нив, до нивните семејства и до луѓето со коишто се во секојдневна комуникација. Повеќе години овие два значајни повода во училиштето се одбележуваат со активно учество на учениците, а оваа година се претставија со драмски перформанс, ораторски говори, музички изведби од училишниот бенд при училиштето и фолклорниот ансамбл на училиштето. Настанот го организира проф. Соња Панева, потпомогната од креативноста на учениците и од наставниот кадар на училиштето, а истиот беше високо оценет од страна на посетителите.

 

Радмила Гиевска