Антиќ се врати, Атланта со нов пораз

06.03.2014 10:19

Перо Антиќ беше втор стрелец на тимот, патем имаше и 4 скокови...

Македонскиот интернационалец одигра 16 минути од клупата, во враќањето на терените по повредата. Портланд славеше со 102:78 што е четвртиот пораз во низа, односно 12-тиот во последните 14 натпревари за Атланта. Со 10 поени колку што постигна и Тиг, Перо Антиќ беше втор стрелец на тимот, патем имаше и 4 скокови. Мартин постигна 16 поени, со што беше најдобар стрелец на мечот.
 
Кај победникот, Батум имаше најзабележителен учинок, со 14 поени и со 18 скокови. Сите стартери на Треилблејзерс беа двоцифрени, а Мо Вилијамс од клупата беше најдобар стрелец со 15 поени. И покрај катастрофалната серија во февруари и на стартот на март (само 2 победи), Атланта е на 8-та позиција на Истокот која што последна води во доигрувањето, со две побди повеќе од Детроит и од Кливленд.
 
Индијана го загуби вториот меч во низа, што е втората негативна серија (од два меча) на тимот со најдобар скор сезонава. По поразот од Шарлот (109:87), Пејсерс сега имаат идентичен скор со Оклахома (46/15).
 
Жоаким Ноа имаше трипл-дабл со 10 поени, со 11 скокови и со 11 асистенции во победата на Чикаго кај Детроит (94:105). Кармело Ентони постигна 33 поени, со 5 асистенции и со 5 скокови, во гостинската победа на Никс против Минесота (106:118).
 
Дирк Новитски имаше 27 поени со 7 скокови, во поразот на Далас од Денвер (115:110). Бруклин ја забележа 30-та победа сезонава и се врати во позитивен скор во борбата за плеј-оф, со триумфот (103:94) против Мемфис.
 
На другите средби:
 
Милвоки – Сакраменто 102:116
Бостон – Голден Стејт 88:108
Вашингтон – Јута 104:91
Орландо – Хујстон 89:101