Петмина осудени на смртна казна поради убиството на Кашоги
Саудиска Арабија осуди на смрт пет луѓе поради убиството на колумнистот Џамал Кашоги. Познатиот критичар на кралското семејство беше ликвидиран лани во саудискиот конзулат во Истанбул од агенти од Ријад. Американските разузнавачи го обвинуваат принцот Мохамед Бин Салман кој негира вмешаност во злосторството...
Пет лица се осудени на смртна казна поради убиството на новинарот Џамал Кашоги. Уште тројца други добија затворска казна во траење од 24 години. Јавното обвинителство на Саудиска Арабија соопшти дека предмет на истрагата бил и Сауд Ал-Кахтани, поранешен советник на кралското семејство, против кого не биле најдени никакви компромитирачки докази. Вкупно 11 луѓе биле изведени на судење.
„За случајот за убиството на граѓанинот Џамал бин Ахмед Бин Хамза Кашоги, нека почива во мир, јавниот обвинител ја заврши истрагата во која беше опфатено 21 лице. Кривичниот суд на Ријад издаде прелиминарна пресуда против 11 од обвинетите поединци, по овој редослед: смртна казна за петмина, и тоа се оние кои директно учествувале во убиството“, изјави Шалан Ал Шалан, портпарол на Јавниот обвинител.
59-годишниот колумнист за „Вашингтон пост“ беше остар критичар на владата во Ријад. За последен пат бил виден лани во октомври во саудискиот конзулат во Истанбул каде што требал да земе документи за венчавката со неговата вереница. Турските разузнавачи врз основа на аудио и видеоснимки заклучиле дека Кашоги бил убиен од агенти, кои според ЦИА биле поврзани со престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Тој негира каква било вмешаност, но изјави дека како лидер презема целосна одговорност. Ријад на почетокот даваше контрадикторни изјави за судбината на Кашоги, но под зголемен притисок од светската јавност, на крајот соопшти дека новинарот бил убиен, а неговото тело распарчено по неуспешните преговори за неговото враќање во Кралството. Посмртните останки сè уште не се пронајдени.
Маја С. Филдишев
