Политика

Расправа за Изборниот законик ќе има, но не во Собранието

23.12.2019 15:34

Јавна расправа за измените на Изборниот законик ќе има, но не во Собранието, бидејќи за тоа нема деловнички можности, велат од СДСМ. Од таму со апел ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите. Предлог- закон по скратена постапка и истовремено јавна расправа- едно со друго не одат. Власта се обидува да манипулира со помалите партии, став на ВМРО-ДПМНЕ...

Расправа за измените на Изборниот законик ќе има, но не во Собранието поради деловничките пречки. Ќе се одржи на друго место, а датумот и локацијата дополнително ќе се соопштат, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Појасни дека двата предлог- закони се носат по скратена постапка. Со оглед дека веќе е закажана Комисијата за политички систем за разгледување на законите, до кога е и рокот за поднесување на амандмани, според Митрески, целта на јавната расправа е да се сумираат мислењата. Уште еднаш ги повика ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да ги повлечат амандманите.

СДСМ се обидува на шверцерски начин да го донесе законот и да ја дефокусира јавноста од останатите проблеми, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека владејачките партии не можат да се договорат и ги прекршуваат законите. Според деловникот, не може да се носи закон по скратена постапка и истовремено да барате јавна дебата, изјави генералниот секретар на партијата Јанушев. Од опозициската партија сметаат дека СДСМ манипулира со помалите партии.

Работата на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е закочена. Минатонеделниот обид за расправа беше неуспешен. Поднесени се илјадници амандмани. ДУИ има над пет илјади. Се уште се архивираат и се преведуваат на албански јазик. СДСМ ја поддржа иницијативата на 15 пратеници од помалите партии, Македонија да биде една изборна единица. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со став-за изборниот законик мора да има консензус.

 

Милчо Велески