Последно збогување со академик Ѓорѓи Филиповски
Во МАНУ се одржа комеморација за академик Филиповски, еден од основачите на оваа институција...
Тажно и болно одекна веста за замнувањето на еден од доајените, основоположниците на МАНУ, нејзин член од првиот работен состав и прв научен секретар- академик Ѓорѓи Филиповски. Голем професор, научник и човек. Филиповски е пионер и основоположник на научната дисциплина педологија во државава. Работејќи со голема посветеност, долги години ги истражуваше почвите на Македонија, оставајќи зад себе 20 монографии од оваа област, од кои подоцна се создаде неговото капитално дело. Со овие зборови, академиците се збогуваа од Ѓорѓи Филиповски.
На 100- годишнината од неговото раѓање, одбележана во мај годинава, тој им остави силни пораки на неговите колеги: „Грижете се за развојот на образованието и науката, бидејќи од овие сфери извираат прогресот и силата на нациите. Чувајте ја независноста на Академијата, почитувајте ги етничките, верските и идеолошките различности помеѓу членовите, бидејќи тоа е наша предност, а не недостиг.“
Академик Ѓорѓи Филиповски останува легенда и икона на Македонската академија на науките и уметностите и по неговото физичко заминување.
Александра Спировска
