Концерт на Македонската филхармонија со Јоханес Мозер
06.03.2014 10:30
Од критиката Мозер е опишан како еден од најдобрите меѓу бесконечната галерија на млади виртуози, еден од најистакнатите виолончелисти на нашето време...

Вечерва заедно со Македонската филхармонија ќе настапи германскиот виолончелист Јоханес Мозер, кој ќе го изведе романтичниот концерт за виолончело и оркестар од британскиот композитор Едвард Елгар.
„Од критиката Мозер е опишан како еден од најдобрите меѓу бесконечната галерија на млади виртуози, еден од најистакнатите виолончелисти на нашето време и настапува на најпрестижните светски сцени со диригенти и оркестри од највисок ранг. Само во изминатите неколку недели, настапи во престижниот Карнеги хол со оркестарот Филхаделфија и маестро Јаник Незет-Сегуин, а неговото македонско деби го имаше во 2010, година кога неговиот настап изнуди бравурозни реакции од публиката и критиката“, соопштија од Филхармонијата.
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го води бугарскиот диригент Емил Табаков, под чие водство ќе биде изведена Симфонија бр. 2 од Јоханес Брамс.
Концертот на Филхармонијата во Македонската опера и балет се реализира во соработка со Амбасадата на Германија во Македонија.