70 години Национален конзерваторски центар
На 4 март 1949 година, со уредба на Владата на НР Македонија, основан е Централен завод за заштита на културните споменици и природните реткости, со седиште во Скопје, институција којашто низ децениите наназад имаше ретко одговорна функција за севкупното културно и општествено живеење на републиката.
Национална установа: Национален Конзерваторски Центар – Скопје е стручна институција од областа на културата, со статус матична институција, основана за вршење на дејноста: заштита на спомениците на културата.
На 4 март 1949 година, со уредба на Владата на НР Македонија, основан е Централен завод за заштита на културните споменици и природните реткости, со седиште во Скопје, институција којашто низ децениите наназад имаше ретко одговорна функција за севкупното културно и општествено живеење на републиката.
Денешното име, институцијата го добива во 1960 година, додека на 14 мај 2004 година се извршува пререгистрација на институцијата во Национална установа-Републички Завод за заштита на спомениците на културата Скопје.
НУ-РЗЗСК , обединува повеќе функции како што се: матичност и функција на надлежен завод за подрачјето на 34 од вкупно 84 општини во Републиката во кои не се основани локални заводи и функции на завод за конзервација и реставрација на спомениците на културата.
Дел од надлежностите на Националниот Конзерваторски Центар се и: унапредување на методологијата на работа во областа на заштитата и издавањето стручни упатства, стручен надзор над локалните заводи во: Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Струмица, координирањето на нивната работа, стручната помош и надзор над конзерваторско – реставраторските работи на другите установи за заштита на спомениците на културата, но и стручното усовршување на кадрите во областа на заштитата на спомениците на културата во Р.С.Македонија.
Со финансиска помош на ЕУ и ФАРЕ и Програмата за развој на културата,НУ-РЗЗСК , се здоби со модерно опремена конзерваторско – хемиска лабораторија, единствена од таков вид на Балканот кој што овозможува: детекција на причинителите за оштетување, т.е. мерење на физичките параметри во кои што опстојува споменикот (температура, влага, осветлување), идентификација на сликарските и градежните материјали од кои што е направен споменикот и дијагностицирање на настанатите промени и деструкции.
Сето ова ја овозможува физичката постапка на конзервацијата преку изведување на сложени конзерваторски зафати (раслојување на иконописот, отстанување на преслики, чистење на лакот) и изработка на документација за целиот процес.
Од богатата седум децениска активност, како посебни остварувања се издвојуваат: регистрирање на 24350 икони, 4200 археолошки локалитети, 1760 цркви и манастири, 1200 објекти од античката архитектура и повеќе од 400 други објекти и локалитети од различни видови и периоди, но и конзерваторско – реставраторски работи на архитектура од поширок волумен на 200 недвижни споменици на културата, особено на црквите: Св.Софија – Охрид, манастирот Св.Јован Бигорски – Ростуша, Св.Ѓорѓи – с.Курбиново, Св.Ѓорѓи – с.Старо Нагоричане, Лесновски манастир – с.Лесново, Полошки манастир, манастирот Св.Пантелејмон – с.Горно Нерези, Вардарски Рид -Гевгелија, Стоби – Градско, реконструкција на црквата во манастирот Подластва во близина на Будва -Црна Гора, конзервација на икони од Охридската галерија на икони, струшката колекција на икони од Музејот на Македонија, потоа археолошки истражувања и конзервација врз мозаиците во Стоби, Баргала и др.
Својата интензивна меѓународна соработка НУ-РЗЗСК, ја крунисува и со конзервација на дрворезот на кралската палата во Варшава – Полска, дислокација на фреските од манастирот Пивка – Црна Гора, како и со изложби на македонското културно наследство во Париз, Лондон, Токио, Ватикан, Белгија, Шведска и издавањето на бројни публикации преку едицијата: Културно и историско наследство на Македонија.
Според конзерваторскиот кадар со којшто располага, како и според стандардот на опремата којашто ја поседува.НУ-РЗЗСК, со право се етаблира во редот на водечките заводи за заштита на спомениците на културата во меѓународни рамки.
