Заев: Изборите би можеле да се одложат доколку не се донесат суштинските закони

24.12.2019 12:40

Изборите би можеле да се одложат доколку не се донесат суштинските закони кои се значајни за животот на граѓаните, изјави премиерот Заев. Додаде дека сепак не го посакува тоа. Бара од опозицијата да биде конструктивна...

Одлагањето на носењето на законите во Собранието може да ги одложи изборите, дециден е премиерот Заев. Вели дека суштинските закони, меѓу кои оние за социјалните трансфери и пензиите се со цел подобрување на стандардот на граѓаните.

„Суштинските закони, ако предизвикаат кочење на пензии, на социјалните трансфери, на покачувањето на платите, на сето она што живот значи за граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат. Сто пати сум кажал досега дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено должност, пред сѐ граѓанска и политичка е да не дозволиме било што да ја закочи реализацијата на она што значи интерес на граѓаните“, изјави премиерот Заев.

Премиерот побара од опозицијата да биде конструктивна. Верува дека овие денови ќе може низ дебата и низ парламентарна процедура, нешто што е започнато пред два, три месеци да може да привршува и да се донесат одлуки, од проста причина дека ниту парламентот ќе се распушти, ниту ќе гласаат пратениците на незавршени закони.