МВР ги обелодени деталите

За шверцот на кокаин досега уапсени пет лица, Стојановска ѝ помагала на криминалната група

24.12.2019 12:59

Актерката Силвија Стојановска ѝ помагала на криминалната група која организирала транспорт на 700 килограми кокаин. МВР ги обелодени деталите од меѓународната акција за сузбивање на шверц со дрога. Уапсени се петмина, а по двајца се трага...

Разбиена меѓународната група која организирала транспорт на 700 килограми кокаин. Петмина уапсени- актерката Стојановска и нејзиниот сопруг Будисављевиќ, кој бил лидер на групата во земјава, братот и уште две лица во Шпанија. Се трага по турчин и грк, за кои полицијата сомничи дека се поврзани. Дрогата е запленета во Мадрид на 18-ти месецов, кога од магацин била префрлана во возило.

„Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б., кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат В.Б. резидент на Белгија. Од јуни до декември остварувале редовни контакти за договарање на сите детали за пренос на кокаинот. Откако биле договорени сите детали, на почетокот на декември С.С. по инструкции на нејзиниот сопруг В.Б. резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат В.Б. и истиот го платила со сопствена кредитна картичка. С.С. во октомври отпатувала во Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг од непознат шпански државјанин да подигне 10.000 евра, најверојатно за криминални активности на оваа мрежа“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Актерката ѝ помагала на криминалната група. Кокаинот набавен во Колумбија, наменет бил за земјите од Западна Европа. Комуникацијата меѓу членовите на групата се одвивала на лични и непосредни срдби меѓу членовите во Скопје, Мадрид, Белград, Дубаи, Канкун, Картагина и преку интернет- комуникација со висока заштита. Дрогата до Шпанија ја пренело лицето викано „Капетан на брод“. За превозот му биле исплатени 850 илјади евра како дел од договорена сума. Во Скопје претрес на две локации.

„При претресите се пронајдени докази кои што се доволно силни за во овој момент се потврди основаноста на сомнението. Следува координативна средба со сите обвинители од каде потекнуваат сторителите на кривичните дела и каде што се преземени дејствија на извршување. Ќе се споделат информациите и доказите прибавени при претресите, и ќе се заземе заеднички став во кој правец понатака истрагата ќе се движи“, изјави обвинителката Маја Коневска.

Обвинетите се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Акција е спроведена со помош на шпанската полиција и американскиот оддел за сузбивање на шверц со дрога. Вредноста на кокаинот во промет би достигнала околу 20 милиони евра.

 

Наташа Гркова- Петрушевска