Ивановска: Јавното обвинителство сè уште работи под притисок

24.12.2019 13:13

Јавното обвинителство сè уште работи под притисок, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска. Според Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“, Судскиот совет и Антикорупциска може да направат само проверки на состојбите, но тоа не претставува ветинг...

Јавното обвинителство сè уште работи под притисок, вели шефицата на Антикорупциска, Ивановска. На тоа укажуваат, вели, две клучни причини.

„Првата е што за некои предмети сè уште нема одговори, а втората е дека за некои предмети, пак, добиваат многу брзи одговори. Тоа упатува дека има различни нарачки. Мислам дека треба уште многу да сè работи“, изјави Ивановска.

Судскиот совет и Антикорупциска може да направат само проверки на состојбите, но тоа не претставува ветинг, вели претседаетлката на „Транспаренси интернешнл“, Тасева. Според неа, за тоа не ни е потребен никој од надвор, а тој треба да се направи исклучиво според законот.

„Тоа не е работа на ЕУ. Тие треба да се залагаат да ние имаме владеење на правото. Ако ние оцениме дека треба да спроведеме ветинг- тоа е работа на државата“, изјави Тасева.

Тасева потсети дека не заживеал системот и механизмот за заштита на укажувачите на корупција. Имаме многу укажувачи кои имаат последици, укажувачи кои водат постапки во суд заради тоа што имале последици од пријавувањето, претрпеле мобинг или биле распоредени на други работни места и друг тип на последици, рече Тасева.

 

Фиљана Кока