Партиски реакции по изјавата на премиерот Заев
Во Собранието партиски реакции по изјавата на премиерот Заев. Од владејачката партија велат дека во Собранието мора да се донесат законите во интерес на граѓаните. Од коалицискиот партнер ДУИ, тврдат дека се подготвени за предвремените парламентарни избори. Од БЕСА сметаат дека треба да се испочитува договорот од лидерската кај претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ пак со став-Заев бара алиби поради лошиот рејтинг...
Дали е можно евентуално одложување на изборите на 12-ти април? Вакво нешто најави премиерот Заев, доколку како што рече во Собранието не бидат донесени суштинските закони во интерес на граѓаните. Сепак шефот на владата појасни дека тоа не го посакува и дека изборите не треба да се одложуваат, но е категоричен дека граѓанска и политичка должност е да не се дозволи кочење на нивната реализација.
Премиерот Заев ќе бара разни начини како да ги одложи изборите, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Постојано се обидува да внесе забуна во Собранието и меѓу владините коалициски односи, а веројатно видел дека трендот на поддршката е во надолна линија, рече Димовски.
Во Собранието носиме закони во интерес на граѓаните. Најголем дел од предлозите на последната пленарка се заради усогласување со законот за прекршоци, велат од СДСМ. Според нив, тоа е основната функција на законодавниот дом и не е невообичаено да има седници со обемен дневен ред. Од коалицискиот партнер ДУИ тврдат дека се подготвени за избори. Во БЕСА се децидни-договореното кај претседателот Пендаровски треба да се почитува.
Парламентарните партии барем декларативно во едно се единствени- договореното мора да се почитува, а измените на Изборниот законик треба да се донесат со консензус.
Милчо Велески
