Шекеринска: Бенефиции за вработените во Армијата за станбено обезбедување
Законот за служба во Армијата за првпат им дава бенефиции на вработените во Армијата за станбено обезбедување. Од март идната година месечно ќе добиваат надоместок од 7.000 денари, вели министерката Шекеринска. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со забелешки во делот на дополнителната дејност на воено-медицинскиот персонал во јавното здравство, како и за рокот по кој треба да им се исплаќа дополнителното здравственото осигурување на војниците во мисиите во странство...
Буџетските пари за одбраната пораснаа речиси двојно, откако во јуни 2017-та ја презедовме одговорноста да ја водиме владата. Квалитетот на обуката на припадниците на Армијата и набавката материјално- техничките средства кои се набавени за војската, значително ги подигнаа стандардите за доближување до нивото на НАТО алијансата, рече министерката Шекеринска на собраниската Комисија за одбрана и безбедност.
Според неа, Законот за служба во Армијата за првпат им дава бенефиции на вработените во Армијата за станбено обезбедување, за што од март идната година месечно ќе добиваат надоместок од 7.000 денари.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешки за Законот за служба во Армијата во делот на дополнителната дејност на воено- медицинскиот персонал во јавното здравство, како и за рокот по кој треба да им се исплаќа дополнителното здравственото осигурување на војниците во мисиите во странство.
Од опозицијата побараа стипендиите кои треба да им се даваат на цивилни лица за критични специјалности во Армијата, да бидат уредени со системскиот Закон за одбрана во кој прецизно ќе биде нагласена надлежноста на министерот.
Игор Панов
