Тутунот целосно ќе се откупи

06.03.2014 11:13

Целосно ќе се откупат сите 30.000 тони тутун, колку што тежи реколтата во земјава. Вишокот од 500 тони преку Сојузот на тутунските здруженија се евидентира во Министерството за земјоделство. Откупувачите најавија дека целосно да ќе го преземат родот на жоклтото злато...

Сојузот на тутунските здруженија ги испрати списоците во министерството за земјоделство. Државниот инспекторат побара, асоцијацијата ги евидентираше тутунарите со вишок неоткупен тутун од ланската реколта.

„Во прилепско се околу 36.000 килограми тутун, односно 36 тони што не е голема бројка. Ако зборуваме, глобално, во Пелагонија има околу 340 тони вишок тутун од околу 500 тутунопроизводители“, вели Данчо Милеси, Претседател на сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

Тутунарите очекуваат секој килограм произведен тутун да заврши во откупните фирми.

„Предадов 720 килограми тутун. Останаа уште 150 –ина килограми“, вели Марјан Бунтески, тутунопроизводител од Прилеп.

„Дојдов за да пријавам уште 800 килограми тутун за да ми откупат. Сметам дека ќе се реши проблемот“, вели Неркедин Џелилоски, тутунар од Дебреште.

Според Сојузот на тутунските здруженија, во земјава има околу 500 тони тутун што се смета за вишок. Најголемите од 10-те откупувачи веќе најавиле да го преземат.

Реално, за Сојузот не постои вишок. Откупувачите го ограничија производството на 180 килограми по декар, што не беше досега, а побаруваат повеќе од произведеното.

„Оваа година не би требало да остане тутун со оглед на фактот дека самите откупни компании побаруваат околу 35.000 тони тутун, ако пријават во Министерството за земјоделство. Меѓутоа, во Македонија имаме само 30.000 тони тутун и ништо повеќе“, вели Данчо Милески.

Откупот завршува на 15-ти овој месец. Дотогаш треба да се преземат сите 30.000 тони тутун.

 

Елизабета Митреска