Свет

Австралија се бори со пожари, Јужна Калифорнија се соочува со невреме

24.12.2019 15:11

Пожарникарите волонтери од Австралија добиваат платено отсуство, бидејќи со денови се борат со гаснење на пожарите што ја погодија земјата. На другата страна од светот, пак, Јужна Калифорнија се соочува со невреме проследено со дожд и снег...

Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека пожарникарите доброволци од Федералниот јавен сектор ќе добијат платено отсуство затоа што со денови се борат со гаснење на пожарите што ја погодија земјата. Премиерот е под притисок од јавноста поради тоа што замина на семеен одмор на Хаваите во екот на кризата со пожарите.

„Од поплавите во северниот дел на Квинсленд на почетокот од годинава, па до сушата што ја пустоши земјата со години и секако пожарите, кои беснеат од септември. И покрај сите овие големи предизвици, австралијците застанаа и покажаа огромен дух и реагираа со љубезност и храброст. Тој дух е она што ја прави Австралија неверојатна земја. Сакам да им се заблагодарам на сите што и служат нашата нација како доброволци“, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.

Низ целата земја, за неколку месеци изгореа пет милиони хектари, а девет лица загинаа, додека повеќе од 950 домови се уништени. Властите предупредуваат дека пожарите во нов јужен велс може да траат со месеци.

Калифорнија: Студено време со дожд и снег пред Божик

На другата страна од светот пак, Јужна Калифорнија се соочува со невреме проследено со дожд и снег. Властите издадоа предупредување за зимски временски услови и засилен ветер.

„Ми се допаѓа времето. Потребен ни е повеќе дожд. Апсолутно. Никогаш нема да се пожала на дождот.“

„Мочињава никогаш не виделе снег. Ова е првпат за нив. Уживаат.“

„Снегот може да се види на планините. Прекрасно е.“

„Ветровито е и студено. Но прекрасно е, бидејќи е токму на време за Божик.“

Се очекува дождот и студеното време да продолжат и во наредните делови.

Марина Ристова