Почна повратот на персоналецот за земјоделците
Почна исплатата на повратот на персонален данок на земјоделците. Овие пари до крајот на годинава ќе ги добијат скоро 17.000 фармери. Услов е да имаат приходи исклучиво од земјоделска дејност. Износот кој може да се добие е до 20.000 денари.

До 31-ви декември годинава скоро 17.000 земјоделци ќе добијат поврат на персоналниот данок за остварениот приход во 2018 година исклучиво од продажба на примарно производство.
Се работи за вкупно 80 милиони денари, чија исплата се очекува да почне неделава поради што земјоделците треба да ги ажурираат трансакциските сметки.
Фармерите, покрај остварениот приход од продажба на своите примарни производи, не треба да имаат остварено други приходи, по друг основ, кои исто така се оданочени со персоналниот данок.
Нема да добијат поврат на средствта и ако се во работен однос, остваруваат приходи од закуп , од игри на среќа и ако се пензионери.
Физичките лица пак, кои ќе го надминат прагот од еден милион денари остварен приход, имаат обврска согласно законот да регистрираат дејност во надлежен регистар.
За земјоделците за кои УЈП и министерството не располагаат со точни податоци за трансакциските сметки, се прават напори тие да се обезбедат по службена должност или со директно контакт.
Методија Трајков
