Честитка на Заев по повод Божик: Во мир и спокојство да изградиме похуман и праведен свет

25.12.2019 11:19

Премиерот Заев во честитката нагласува дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.

Премиерот Заев, во писмо до бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честиташе големиот христијански празник Божик – празникот на Христовото раѓање.

„И оваа година се радуваме и го воспеваме раѓањето на богомладенецот Христос, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“ Овој голем христијански празник секогаш ги повикува сите луѓе да го земат како пример делото и учењето на Исус Христос, и во мир и со спокоен дух, да им понудиме на сите, во исто таков мир да го победиме злото и да го преобразиме во добро“, стои во честитката на премиерот.

Премиерот Заев во честитката нагласува дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство. 

„Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите“, пишува во честитката и се додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.