Верниците го слават Христовото раѓање
Католичките верници и дел од православните христијани според Грегоријанскиот календар го прославуваат раѓањето Христово, Божик. Со порака за безусловна љубов , Папата Франциск им честита на верниците...

Со порака за безусловна љубов, поглаварот на римокатоличката црква им го честиташе денот на Христовото раѓање на верниците кои го слават Божиќ според Грегоријанскиот календар. Во мисата во базиликата „Свети Петар“ учествуваа и деца од земјите кои се соочуваат со војна и масовна миграција, вклучувајќи ги Венецуела, Ирак и Уганда. Дел од експертската јавност ја коментира пораката на Светиот престол во контекст на бегалската криза, но и сексуалните скандали на свештениците.
„Не треба да чекаме нашите соседи да бидат добри пред да сториме нешто убаво за нив, ниту црквата да биде совршена за да ја сакаме, ниту пак, другите да нè почитуваат пред ние да им возвратиме со почит. Да почнеме од себе“, нагласи Папата Франциск.
Во сличен амбиент славеа и Христијаните во Витлеем на Западниот Брег.
„Овде сите се обединуваме со целата атмосфера во верски контекст. Црквата каде што е роден Исус, парадата, сето ова е вистински мир и подарок.“
„Овде сум со хор. По четврти пат доаѓам со црковен хор, за нас ова е одлична можност. Имаме 40 луѓе, многумина од нив се од САД, но има и од други земји.“
Божикните празници се одбележуваат и во земјите кои се соочуваат со сериозна економска и политичка криза.
Во знак на солидарност со христијаните во Ирак, демонстрантите поставија елка со знамиња на плоштадот Тахрир во Багдад.
„Дрвото ги претставува љубовта и мирот. Ние сакавме да прославиме со стил, но и со тага, за жал. Елката со ирачкото знаме е симбол за сите народи и групи во ова општество. Ова е за да ја покажеме солидарноста со нашите христијански браќа, но и раѓањето на Исус.“
Во соседна Сирија, американските војници добија подароци и настап на воен оркестар од Канзас.
„Дојдовме во источна Сирија да ги посетиме војниците во неколку бази. Тие се овде за да ги поразат останатите челнови на Исламска држава. Ги бараат нивните ќелии и ги здружуваат силите со сириските командоси“, изјави полковник Мајлс Кагинс, армија на САД.
И оваа година, Северноамериканската воздушно- вселенска воена команда позната како НОРАД им овозможи на милиони луѓе да го следат движењето на санката на Дедо Мраз. Традицијата датира од 1955 година и почна со шеговита реклама за контакт со најпознатиот новогодишен лик на која, по грешка, бил запишан телефонски број на Континенталната команда за воздухопловната одбрана, претходникот на НОРАД. По многубројните повици од деца, офицерите ја претворија грешката во игра и оттогаш им овозможуваат радарско следење на локацијата на Дедо Мраз.
Маја С. Филдишев
