Проблем е неказнивоста на нападите на новинарите
Институциите и правосудните органи да ги процесуираат случаите на напади врз новинарите во најбрз можен рок со цел надминување на неказнивоста како феномен кој продуцира омраза, цензура и загрозување на слободата на изразување- порачаа новинарите. Здружението промовираше две нови публикации...
Во земјава нападите врз новинарите се чести. Само во последните пет години имаше физички и вербални напади, кршење опрема, уништување личен имот на новинарите, па и сајбер напади врз новинарите, вели претседателот на Здружението на новинарите Младен Чадиковски.
Меѓу сведоштвата на нападнатите новинари на 27-ми април во Собранието, новинарката Душица Мрѓа опиша што точно се случи тој „крвав четврток“. Државата и демократијата таа ноќ беа на колена, имаше обид да биде убиена, рече Мрѓа.
Главната забелешка е за непостапувањето на правосудните органи по однос на нападите врз новинарите, наспроти веќе донесените пресуди за напаѓачите на политичарите. Од ЗНМ се надеваат дека органите на прогонот нема да дозволат да застари делото.
Во поддршка на овие ставови, ЗНМ промовира две публикации. Првата се однесува на нападите врз новинарите кои се случија во последните пет години и е насловена: „Хроника за (не)безбедноста на новинарите“. Втората е под наслов: „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април“ за случувањата во Собранието пролетта во 2017-та.
Фиљана Кока
