Скриените трошоци поголеми од даночните оптоварувања
Парафискалните трошоци- товар за бизнисот, особено за микро и малите фирми. Коморите предупредуваат дека скриените, неданочни давачки во континуитет се зголемуваат во изминативе 10 години, компаниите губат пари, но и време поради долги административни процедури кои се непотребни и застарени. Направена е анализа, а ресорното министерство најавува дека ќе има кастрење на скриените трошоци...
Парафискалните трошоци, товар за бизнисот. Коморите предупредуваат дека скриените, неданочни давачки во континуитет се зголемуваат во изминативе 10 години, компаниите губат пари, но и време поради долги административни процедури кои, според бизнисот се непотребни и застарени. Како пример, посочени здравствените прегледи на вработените на секои 18 месеци.
„Кога работодавачите веќе еднаш плаќаат за оваа работа преку здравственото осигурување на секој вработен, тогаш зошто би плаќале повторно на секои 18 месеци за потполно истиот преглед за кој се бара потврда. Не се прават никакви дополнителни анализи од оние што ги покрива ФЗОМ“, изјави Данела Арсовска, претседателка на ССК.
Најголем товар се давачките за лиценци, дозволи, одобренија. Направената анализа за парафискалните трошоци покажува дека оптоварувањето со неданочни давачки е поголемо од даночните, што влијае врз конкурентноста на стопанството.
„86% од поднесоците се даваат на шалтер, писарница или во архива, многу малку се дигитализирани или се поднесуваат електронски. Иницирањето на постапката ја вршат самите компании, а само 5% е по службена должност. Цената на чинење на овие парафискални давачки е од 50 денари до 18 милиони денари“, изјави Благица Петрески, извршна директорка на Институтот „Фајненс тинк“.
Министерството за економија најави - онаму каде што ќе има можност, ќе се скратат процедурите за да се подобри бизнис-климата.
„Со укинувањето на ваквите процедури и давачки или нивното намалување ќе им се олесни работењето на нашите претпријатија“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
За да се подобри состојбата се предлага формирање унифициран регистар на парафискални трошоци под капата на едно тело, дигитализација на процесот и соодветно утврдување на цените.
Мартин Пушевски
