Пакети со облека за бездомниците, ќе се работи на поголема ресоцијализација
Пакети со топла облека им беа поделени на бездомниците во пунктот на Црвениот крст во Момин Поток. Овие луѓе тука добиваат топол оброк, хигиенски и здравствени услуги. При екстремно ниски температури се отвора и преноќувалиштето. Меѓу нив има и успешни приказни, идната години Црвениот крст ќе работи на поголема ресоцијализација на бездомнците...
Откако го напуштил затворот, животот го однел пред нов предизвик. Останал на улица, но надеж не изгубил. Таир Даут, за скромен надоместок во пунктот во Момин Поток сега се грижи за бездомниците. Ангажиран е како фризер. Лимената гаража во која живеел сега е негов дом.
„Ми ја изѕидаа гаражата, го напрвија покривот, јас е чувствувам како навистина да имам топол дом за што цело време копнеев. Ми дадоа шанса да бидам и фризер, се грижам за шишањето, средувањето на бездомниците“, вели Таир Даут.
Новата година ќе ја дочека со пријателите, ќе им свири на гитара. Во Момин Поток го сретнавме и Ице Калцинов. Тротоарот кај Бристол е неговиот дом. Сака да најде работа и да продолжи нормално да живее. Вели, ако не е пунктот- ќе останеме без храна и облека.
„Никако не можам да се снајдам со работа. Благодарен сум на пунктот кој ни дава храна и облека. Сега за некој ден ќе биде отворен и пунктот за преноќување, барем ладните денови да бидеме тука сместени“, вели Ице Калцинов.
Од Црвениот крст во новата година посакуваат да имаат повеќе успешни приказни. Ќе работат на ресоцијализација на овие лица.
„Околу 3 проценти од бездомните лица изразија желба дека сакаат да бидат работно ангажирани, а со тоа да плаќаат одредена соба во која ќе можат да престојуваат. Не сакаме овие лица да бидат зависни од овој пункт, туку овој пункт да биде едно поглавје во нивниот живот кога ќе можат повторно да се вратат во нормалниот тек на живеење. Имаме тешкотии заради тоа што поголемиот дел од нив се корисници на алкохол, многумина имаат заболувања кои бараат долготрајно лекување“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
Во градот има околу 140 бездомници. Пунктот на Црвениот крст во Момин Поток им обезбедува топол оброк, хигиенски и здравствени услуги. При екстремно ниски температури се отвора и преноќувалиштето.
Андријана Атанасовска
