Политика

Ако не се изгласаат реформските закони, Заев нема да се повлече од функцијата

25.12.2019 14:54

Ако не се изгласаат реформските закони, премиерот Заев рече дека нема намера да се повлече од функцијата на 3-ти јануари. Опозицијата му порача дека бара алиби за одложување на изборите бидејќи знае дека го чека пораз и одговорност. Министерот за внатрешни, Спасовски, пак рече дека е подготвен да биде технички премиер...

Немам намера да поднесам оставка ако опозицијата продолжи да ги блокира суштинските закони за повисоки плати и пензии. На 10 дена до формирањето на техничката влада, премиерот Заев ja условува опозицијата со можно одложување на изборите. Но, е оптимист дека со дијалог ќе се изнајде решение. Заев, дециден дека СДСМ на Централен одбор в петок ќе го избере новиот премиер кој ќе ја води техничката влада, а еден од предлозите е министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е алиби за одложување на изборите и Заев не сака соочување со народот, бидејќи знае дека го чека пораз и одговорност. Потпретседателот Николоски вели дека партијата нема да ги прифати неговите уцени и го повика да не ја носи Македонија во, како што рече, длабока и тешка политичка криза за која ќе е одговорен само тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат, ова не е прво алиби на Заев за одложување на изборите и дека нема да ги поддржат законите.

 

Викторија Милевска