Помали бирократски бариери за поголем профит
Бизнисот стравува дека во наредниот период кадар ќе нема откако високоиндустриските земји од Европа најавија олеснување на процедурите за добивање работни визи. Работната сила е проблем и за земјите од регионот. Решение се гледа во отворање на региноналниот пазар, дел од иницијативата „Мал Шенген“...
Помали бирократски бариери за слободен проток на стоки и услуги, хармонизирање на регулативите и сертифицирање, бара бизнисот за поголема трговска соработка меѓу Северна Македонија и Србија. Предизвик за сите во регионот е прашањето за човечкиот кадар. Посочуваат дека нема кадри, особено со стручно образование, па компаниите мора сами да ги доедуцираат нововработените.
Има проблеми околу новиот концепт на преминот Табановце- Прешево, но сѐ уште трае периодот на приспособување, вели српската амбасадорка во земјава. Според неа, моделот има перспектива и ќе профункционира. Преминот Лојане- Миратовац пак, ќе биде резервен, ќе се користи за шпиц сезона, рече амбасадорката Дивјак- Томиќ. Иницијативата „Мини Шенген“ ја посочи како можност за поголема соработка.
„Идејата не е Мини- шенгенот да биде само за три земји. Напротив. Тоа е идеја која има поширок регионален карактер и сите се добродојдени. Еве веќе и Црна Гора се приклучува кон концептот, сфати дека тоа е нешто што е и од нејзин интерес. Очекуваме дека тоа ќе се случи и со БиХ. Косово никој не го спречува. Многу сме заинтересирани да нема никакви пречки во размената и протокот на стоки и луѓе. За жал, ситуацијата е засега таква. Сé уште е во сила сериозната рестрикција на стоки од централна Србија“, изјави Душанка Дивјак – Томиќ, амбасадор на Србија во Северна Македонија.
Србија е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија од земјите на Балканот. Размената била најголема во 2008 година, кога достигнала 1,5 милијарди долари. Следувал период на драстично опаѓање, но во 2018 има повторно зголемување на трговската соработка. Во Србија најмногу извезуваме лекови, вино, а увезуваме пченица, брашно, електрична енергија.
Сунчица Николоска
