Нов протест за чист воздух
Со симболично напуштање на наставата на крајот на денот или солидарен протест за време на последниот, организаторите на иницијативата „Петоци за иднина“ ги повикаа средношколците да бидат дел од новиот Марш за воздух на 27-ми декември. Поддршка добија од министерот за животна средина, Нуредини...
Предновогодишен протест на иницијативата „Петоци за иднина“, последен за оваа година. Со симболично напуштање на наставата на крајот на денот или солидарен протест за време на последниот час во првата смена, организаторите ги повикаа средношколците да бидат дел од новиот Марш за воздух на 27-ми декември.Важен дел од учебната година е, но уште поважен за доброто здравје, против аерозагадувањето, велат. Со маршот кој ќе почне во 17 часот, пред Министерството за животна средина ќе се повика за исполнување на барањата на иницијативата „Зелен фронт“.
Ресониот министер Нуредини на брифинг со новинарите посочи дека протестите, особено на младите, се повеќе од оправдани. Освен институциите, секој граѓанин мора да биде одговорен во однос на огревот кој го користи, возилата кои се возат и за сите лоши навики со кои се придонесува за екстремното загадување на воздухот и на животната средина, воопшто.
Нуредини истакна дека властите преземаат низа активности за контрола на загадувачите. Имаме 18 инспектори, инспекциите се засилени, но најбитна е соработката со локалните власти и полицијата, рече министерот. Наскоро почнува вмрежувањето со гас за греење на болницата Чаир, а ќе следуваат и во кумановската и други болници. Напролет ќе биде отстранет отровниот отпад од Охис, за кој има пет меѓународни понудувачи да го пренесат во Швајцарија, вели Нуредини.
Здружените граѓански организации и иницијативи, чиишто претставници учествуваа на седницата на Советот за безбедност што ја свика претседателот Пендаровски, реагираат зошто на неа не биле донесени заклучоци кои ќе им дадат насоки за делување на оние тела во државата кои носат одлуки. Укажуваат - аерозагадувањето однесе 17.000 жртви во период од само 5 години.
Фиљана Кока
