Фудбал – пријателски натпревари

Шпанија подобра од Италија, победија и Украина и Словачка

06.03.2014 11:53

Трите најдобро рангирани репрезентации во нашата квалификациска група за Европското првенство во 2016-та имаа успешен тест во мартовскиот термин за контролни натпревари...

Шпанија славеше во класиката со Италија со 1:0. На „Висенте Калдерон„ пред 35 илјади навивачи „црвената фурија“ беше подобра и победи со голот на Педро во 63-тата минута. За Шпанија дебитираше и цел натпревар го одигра Бразилецот Диего Коста. Дека на „аѕурите“ не им се важни пријателските мечеви покажува фактот дека во 21 дуел имаат само еден триумф. Во Мадрид, селекторот на Италија, Чезаре Прандели комбинираше со составот, па шанса добија Освалдо, Кандрева, Черчи и Палета којшто го одигра првиот репрезентативен меч. Поради повреда отсуствуваше Балотели.

Мотивираните Украинци како домаќини на Кипар беа подобри од САД со 2:0. На Ларнака во присуство на 1573 гледачи, головите за Украина ги постигнаа Андриј Јармоленко во 12-та и Марко Девиќ во 68-та минута.

Ипресивни беа Словаците на гостувањето кај Израел каде што триумфираа со 3:1. Во Нетанја, Мартин Јакубко во 37-та и и Јан Дурица во 70-та минута и донесоа водство на Словачка од 2:0. Маор Бузагло само намали на 2:1 во 80-тата, но три минути подоцна Роберт Мак ја потврди победата на гостите од 3:1.

Белорусија загуби од Бугарија во Софија со 2:1. На Васил Левски стадионот на којшто присуствуваа само 1200 фанови, домаќинот го реши мечот со погодоците на Георги Миланов во 14-тата и на Владимир Гаџев во 66-тата минута. Единствениот гол за Белорусија го постигна Сергеј Криветс во финишот на дуелот.

Луксембург пак и на домашен терен не успеа да победи иако играше со репрезентацијата на Зеленортските Острови. Во Лецебург, натпреварот заврши без голови, 0:0.

Дуелите за пласман на ЕУРО 2016-та во Франција во квалификациската група И ќе почнат на 8 септември. Македонија на големиот национален празник ќе гостува кај европскиот и светски шампион, Шпанија. Во другите два меча, Украина ќе ја пречека Словачка, додека Луксембург ќе и биде домаќин на Белорусија.