Протест на административно- техничкиот персонал во здравството
Администрацијата и помошно– техничкиот персонал на клиниките, на протест пред Министерството за здравство. Револтирани се поради тоа што не добиле зголемување на платата, заедно со лекарите и медицинските сестри. Најавија тужби и претставки до Управниот суд, ако здравствениот синдикат го потпише Колективниот договор, иако добија поддршка и од него...
„Го повикуваме министерот Филипче - дела, а не само зборови“- рече Александар Трајчевски- член на Координативното тело на здравствената администрација.
Здравствената администрација и помошно - техничкиот персонал ги постави црвените линии. Платите да се зголемат за 10 насто, во спротивно најавија генерален штрајк. Разочарани се бидејќи и покрај преговорите, не постигнаа договор со здравствените власти.
„Од Синдикатот ќе побараме овој протест да се претвори и во штрајк. Се организираме да поднесеме тужби, ако се потпише анексот на колективниот договор, ќе поведеме иницијатива за оценување на уставноста и законитоста“, изјави Лела Јеремиќ, вработена во Психијатриската болница.
Поддршка добија од независниот синдикат на клинички. Претседателот Беговиќ вели, не е коректно за едни профили да има зголемување на платите, а за другите не. Но, доколку не го потпишат договорот, од февруари поголеми плати нема да има за лекарите и сестрите.
„Што ќе речат после докторите, сестрите и сродниот персонал на нив, ако не го потпишеме, ние навистина сме на еден непријатен удар, стварно не знаеме како да излеземе од ова. Имаме одлука на совет која мене како претседател ме обврзува да го потпишам кој гарантира утре дека техничката влада сигурно ќе го потпише тој колективен договор“, изјави д-р Горан Беговиќ - претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар.
Со најавеното зголемување на платите од февруари, лекарите специјалисти треба да добијат за 25 насто зголемен личен доход, а сестрите за 10. Повисоката плата е спорна за околу седум илјади здравствени административни и помошно - технички персонал.
Андријана Атанасовска
