Израел: Партиски избори на владејачката „Ликуд“
Партиски избори на владејачка „Ликуд“ во Израел. Во трка се актуелниот премиер Нетанјаху и поранешниот министер за образование Саар. Резултатите се очекуваат утре. Според анкетите, актуелниот челник на владата е во предност и покрај корупциските скандали. За 23-тиот состав на Кнесетот се гласа во март. Тоа ќе бидат третите избори во Израел во период од речиси една година...

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во тесна трка со уште еден политички ветеран на политичката сцена на Блискиот Исток, Гидеон Саар, на партиските избори на „Ликуд“. И покрај обвиненијата за корупција, владиниот челник со најдолготраен мандат во земјата, кој веќе надминува една деценија, и натаму ужива голема популарност меѓу сопартијците.
На своите симпатизери им порача на „Фејсбук“: „Со години работев за вас и за доброто на нашата сакана земја. Сега барам поддршка. Големата победа на партиските избори ќе осигура и голема победа на изборите за Кнесетот“. Високиот рејтинг на Нетанјаху не го обесхрабрува неговиот опонент Гидеон Саар кој гледа адут во двојното фијаско на актуелниот премиер да формира коалициска влада.
„Ова е пресуден ден за Ликуд, националниот табор и израелската држава. Верувам дека можеме да направиме промена, и да испратиме нова порака којашто ја чека народот, јавноста. Можеме да победиме, да отвориме нова патека која ќе ни дозволи формирање на силна и стабилна влада, како и обединување на народот на Израел, што е можеби и најважната работа сега“, изјави Гидеон Саар, член на партијата „Ликуд“.
За 23-тиот состав на Кнесетот се гласа на втори март. Спорот со Палестинците останува на врвот на агендата на државниот врв. И покрај постигнатото примирје со посредство на Египет, двете страни продолжуваат да гранатираат цели на противничката територија.
Непосредно пред денешното гласање, Нетанјаху беше евакуиран од бина за време на говор во градот Ашкелон откако се активираа сирените поради истрелана ракета од Појасот Газа. Во одмаздничка операција, израелските сили извршија воздушни напади врз неколку цели на палестинското движење Хамас кое ја контролира Газа од 2007 година. Оттогаш Израел изврши три офранзиви и воведе блокада копно- вода- воздух чијашто главна цел беше да ги спречи Хамас да шверцуваат оружје во територијата. Но одлуката резултираше со далекусежни последици и за двомилионското цивилно население кое се соочува со недостиг од питка вода, електрчна енергија, голема стапка на сиромаштија и невработеност.
Маја С. Филдишев
