Власта и опозицијата се договориле за деблокада на 40 закони, но не и за клучните
Власта и опозицијата договориле да се деблокираат 40- ина закони во собраниска процедура. Додека од СДСМ обвинуваат дека ВМРО- ДПМНЕ работи против граѓаните, оттаму велат дека ќе гласаат сѐ што е во нивен интерес. Викендов лидерите на најголемите политички партии ќе се договараат за техничката влада. В сабота во Владата ќе се сретнат Заев и Мицкоски, за попладнето се најавени и разговори меѓу Мицкоски и Ахмети...

Власта и опозицијата постигнале договор за изгласување 40- ина закони, но не и за клучните, како што е Изборниот законик за кој се поднесени илјадници амандмани или Законот за одбрана.
Од СДСМ велат дека опозицијата работи против граѓаните. Пратеникот од оваа партија, Хари Локвенец најави оти од петочното однесување на опозицијата во Собранието ќе зависи како ќе реагираат на Централниот одбор, дали ќе изберат технички премиер или можеби ќе ги одложат изборите, како што најави премиерот Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат, сѐ што е во полза на граѓаните ќе изгласаме, но не и Законот за опојни дроги и одбрана. За Изборниот законик, опозицијата, но и ДУИ, поднесоа илјадници амандмани. Изборите се договрена работа уште во октомври и не може на кого како ќе му текне да бара одложување, вели генералниот секретар Јанушев.
Во сабота се чини ќе биде сѐ јасно откако Заев и Мицкоски ќе разговараат според најавите за учесниците во техничката влада. Мицкоски средба ќе има и со Ахмети. Дали со договор меѓу партиите за техничка влада ќе финишира жешката политичка година, останува да видиме.
Миле Ристески
