Штрајк

Извршителите на предупредувачки штрајк, незадоволни се од новиот тарифник

26.12.2019 15:33

Канцелариите затворени, извршителите на предупредувачки штрајк поради новиот тарифник со пониски награди. Граѓанските здруженија кои протестираа против нив, задоволни од предлогот на Министерството за правда...

Извршителите ги затворија канцелариите на еден ден. Револтирани се од предложениот тарифник на Министерството за правда, со кој се предвидува, наградата да им се намали од 1.000 на 300 евра. Од Комората велат дека се неприфатливи предлозите на ресорот. Посочуваат дека прекинот на работата е предупредувачки штрајк и очекуваат да се изнајде решение за проблемот.

Со реакција излезе Министерството за правда. Оттаму за протестот рекоа дека ресорот се води според правичност во извршувањето и заштитатата, како на доверителите, така и на должниците.

„Го изменивме Законот за извршување, го доуредивме постапувањето на извршителите и  сериозно ја намаливме Тарифата на извршителите. Така, за извршување на платните налози за комунални дејности, трошоците на граѓаните се намалени најмалку 5 пати. Единаесет ставки од Тарифата на извршителите со новите измени се сега бесплатни, односно за нив извршителите немаат право да наплаќаат трошоци“- велат од Министерството за правда.

Од граѓанските здруженија, пак, кои изминатиот период редовно простерираа против извршителите, велат дека тарифата е драстично намалена и тоа е добар потег. Според нив, не треба да има приватни извршители, туку тие треба да бидат дел од органите на државата.

Според податоците, извршителите лани од над 112 илјади решенија наплатиле околу 127 милиони евра од граѓани, фирми, но и од државата.

 

Дијана Ценевска