Три затворски казни од по три години за „Тарифа“
Екс- генералниот директор на државната ЕЛЕМ и двајца ресорни директори добија казни од по 3 години затвор во предметот „Тарифа“...

Казна затвор од по три години за поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски и вработените Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски одреди денеска Кривичниот суд во Скопје. Виновни се за злоупотреба на службената положба и овластувањето при набавка на софтверски систем за компанијата.
Бошковски е прогласен за виновен за злоупотреба на службена должност како директор на ЕЛЕМ, додека Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски за виновни за злоупотреба на службена положба и овластувања со потпишување и издавање сертификати, со што нанеле штета на ЕЛЕМ во висина од девет милиони денари.
Судот ги задолжува и да ја надоместат штетата. Осудените, кои треба да ги платат и трошоците за судската постапка и вештачења, имаат прво на жалба на пресудата.
Случајот го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во 2018 година, за потоа да премине во надлежност на Јавното обвинителство.
