Црна Гора: Инцидент во Парламентот, повеќемина уапсени
Рано утринава црногорскиот парламент го донесе контроверзниот Закон за слобода на вероисповед. Пред гласањето дојде до инциденти во салата и апсење на просрпски опозициски пратеници. Тројца се задржани во полиција...
Вкупно 22 лица, 18 пратеници од Демократскиот фронт на Црна Гора, и уште четворица биле уапсени по инцидентите во собраниската сала во Подгорица, откако беше усвоен спорниот Закон за слобода на вероисповед. 19-мина од нив се пуштени на слобода. Во притвор се задржани Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Милун Зоговиќ од Демократскиот фронт.
Зоговиќ се товари за напад на службено лице, а на останатите двајца кривично дело за спречување на службено лице во вршење на службена должност, на штета на Иван Брајовиќ, кој им забрани присуство на седница во наредните 15 дена.
Откако владејачкото мнозинство ги одбило амандманите, избиле тешки инциденти. Била фрлена димна бомба, по што почнала турканица и кавга, а според зборовите на одредени пратеници се корнеле микрофони по што интервенирало обезбедувањето.
Премиерот Душко Марковиќ го осуди однесувањето на пратениците од Демократскиот фронт и рече дека не очекува радикализација на ситуацијата.
„Морам да искажам жалење за неодговорното однесување кон Парламентот и кон темата која ги поттикна пратениците на Демократскиот фронт на едно такво однесување. Верувам дека на Црна Гора од 21 век не и е потребно такво нешто. Потребен ни е дијалог дури и кога се разликуваме бидејќи така разликите би биле помали, а нивото на разбирање повисоко“, изјави Душко Марковиќ, премиер на Црна Гора.
Во Никшиќ, Херцег Нови, Подгорица во текот на ноќта имаше повеќе блокади на автопатиштата како знак на протест против Законот со кој се одзема имотот на Српската црква во Црна Гора. Од изутрината сообраќајот сепак е нормализиран.
Свештенството на митрополијата на Црногорско- приморската Српска Православна црква и неколку стотици приврзаници кои во знак на протест се собраа на една од главните сообраќајници, рано изутрината се разишле откако Собранието го изгласа законот. Премиерот Марковиќ се обиде да ја смири напнатоста, но во тоа не верува митрополитот Амфилохије.
„Законот нема никаква скриена агенда. Тоа е закон кој му е потребен на секое цивилизирано и демократско општество. Тој не ја загрозува Црногорската Митрополија и не ја доведува во прашање положбата на ниту еден свештеник“, изјави Душко Радовиќ, премиер на Црна Гора.
„Сакаме да потенцираме дека ние на предлагаме да се укине законот, туку да биде донесен согласно со Венецијанската комисија, преку дијалог со црквата и другите верски заедници“, изјави Митрополит Амфилохије, владика на Српската митрополија во Црна Гора.
Според СПЦ, усвооениот закон е инициран од пратеници на власта и од претседателот Ѓукановиќ. Митрополијата донесениот закон го смета за дискриминирачки и неуставен.
Марина Ристова
