Поголемо политичко учество на граѓаните со попреченост
Во Законодавниот дом свечено донесена Декларацијата за правото на политичко учество на граѓаните со попреченост. Согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, политичкото учество е клучен елемент во реализацијата на нивните права...
Политичкото учество на лицата со попреченост е клучно во реализирање на нивните права. Тоа го наложува и Конвенцијата на Обединетите нации која ја ратификуваше земјава. Собранието ја потпиша Декларацијата за заштита и унапредување на правата и учество на лицата со попреченост во политичкиот живот.
„Од 2003-та година до сега ИППГ се менуваше во својот состав во зависност од изборите, но никогаш по својата суштина, методите и активностите се надградуваа, а целта остана иста. Целосно вклучување на лицата со хендикеп во оштеството. За тоа сведоци сме и денеска со одбележувањето на носењето на декларацијата за политичко учество на граѓаните со попреченост“, изјави Елена Кочовска, „Полио плус“ - движење против хендикеп.
Во редовите на политичките партии, нема ниту еден пратеник или советник со попреченост. Па така, донесените одлуки ги исклучуваат овие луѓе од сите процеси во општеството, вели пратеничката Шахпаска.
„Собранието ја истакнува и потребата на политичките партии да ги вклучат лицата со попреченост во своите редови во нивните тела и органи да ги предлагаат на кандидатските листи за советници, пратеници, министри затоа што на тој начин најдобро ќе ги адресираат потребите на граѓаните и заедницата од која што доаѓаат“, рече пратеничката Јагода Шахпаска.
Се проценува дека во земјава 270 илјади гласачи се лица со посебни потреби. Поради необезбеден пристап не се во можност да го остварат правото на глас. Собранието ги поддржува мерките за надминување на секојдневните бариери.
„Со овозможување на сите правни, физички, информативни, инфраструктурни и секакви услови да бидат рамноправни учесници и активни чинители во донесувањето и спроведувањето на сите општествени процеси и одлуки кои се составен дел на државното управување и градење на вистинско демократско општество“, изјави Талат Џафери, претседател на собранието.
Според Светската здравствена организација, 15 насто од населението се лица со попреченост.
Андријана Атанасовска
